РКМ на Капушевски меѓу десетте најголеми снабдувачи на гориво во Македонија

223

РКМ Дооел, на Ратко Капушевски, минатата година се вратил како сериозен играч на пазарот на големо со горива во земјата, покажува извештајот на Регулаторна комисија за енергетика за 2021.

Набавувачот, кој главно работи со мазут, завзема сериозен дел од структурата на продажба на горива за трговците на мало, на големите компании и на јавните набавки за државните институции. Овде се пресметани заедно бензинот, дизелот, нафтата за греење, мазутот и течен нафтен гас. 

РКМ по долги години пауза, во 2021 се враќа со продадени 12.245 тони мазут и со 3,62 отсто од структурата на продажба.  Компанијата во 2020 година увезе само 1 218 тони мазут и тоа главно продаден на пазарот на мало.

ОКТА две години по ред како не доминира повеќе на пазарот на големо и лани го завзема второто место со продадени 59.888 тони гориво, зад Супертрејд со 69.829 тони. Пред РКМ се уште Дади Оил (33.756), Макпетрол (32.667), Јавор Шпед (25.740), Пуцко петрол (19.958), Детоил (19.049) и Ли-Оил (13.815). РКМ има повеќе продажби од Лукоил кој е последен во Топ-10 со 10.803 тони гориво продадено на големо.

Според претходни медиумски натписи, компанијата на Капушевски со два договори треба да го снабди рестартираниот ТЕЦ Неготино со188 000 тони мазут за термоцентралата за време на изминатата грејна сезона со што се очекува за 2022 да избие на првото место како трговец на големо.

„РКМ ДООЕЛ“ претходно во два наврати склучи јавни набавки со БЕГ за доставување на мазут како резерва во случај на недостиг на природен гас – еднаш во 2020 и еднаш на почетокот на 2022.

Прочитајте повеќе на Фактор.