Ви благодариме, Владико свет, за дарот на Свети Георгиј!

110

Навистина нема зборови коишто би можеле достојно да го опишат трепетот на нашите срца во овој миг. И не ќе се најде под Сонцето подобра можност од оваа, да ја излееме благодарноста што од самиот почеток расне во нашите души.

Бескрајно сме Ви благодарни, Старче наш најсакан, ние, малите Ваши чеда, што се удостоивме да бидеме примени во прегратките на Победоносецот, во овој прекрасен дом што Вие, по неговото благоволение, го воскреснавте од самите урнатини. Благодариме за Вашите свети и за нас животворни молитви, за Вашата силна Авраамова вера дека Бог може и среде пустина да создаде рајска градина; дека и во невозможни услови и во немирни времиња може да се издигне тврдина, бедем на помирувањето, дворец на мирот Божји, кој ќе биде не само чувар на исконската вера и на свештеното наследство и предание, туку и мост за спојување и центар на соживот во овој прекрасен крај на нашата заедничка Македонија.

Ѝ благодариме на Царицата Мајка што благоволи да Ве земе од својата Атонска градина и да Ве пресади овде, за да ни бидете наш духовен татко и пастир, за да може многумина, кои долго талкаа заведени од неодржливите учења на лажните пророци и водачи, тапкајќи во мракот на сопственото безбожие, да добијат светилник и патоказ кон Бога. Благодариме што Свети Георгиј ја слушна молитвата на Вашето срце и измоли од Господа свештена сеница за нас, едно рајско катче каде што дише духот светогорски и пребива благословот на предците свети. Ви благодариме, свет Владико, што го зедовте на себе и нашето бреме и сè уште самопожртвувано и непопустливо го носите тешкиот крст за сите нас, зашто Бог, гледајќи ја Вашата неискажлива жртва, го умножува плодот за духовна полза на сите кои притекнуваат овде.

Со монашкото жителство овде уште еднаш се потврди кажаното од Светиот Апостол Павле и многупати повторуваното од вас, дека Бог го избра пониженото и слабото од овој свет, та во слабоста наша да се покаже силата и чудесата Негови. Така, преку оваа рајска градина на Свети Георгиј, нашето сестринство, заштитено под Вашиот љубовен штит, со силата која доаѓа од татковскиот благослов, а преку исцелителната милост Божја која ги надополнува недостатоците, многупати ги надминуваше бројните слабости и страданија. Оти токму тоа е и монашки подвиг – една непрестајна борбена арена, омеѓена од смирението пред волјата на Старецот, себеоткажувањето до болка и крв, од подвигот во молитвата за сите и за сѐ, по што секогаш накрај победува единствено љубовта.

Сега нашата најстара сестра Варвара, што Свети Георгиј ја избра заедно со Вас да ги мине тешките искушенија на неблагопријатното време и на воениот конфликт, и под Вашата татковска грижа да се вгради како прв столб на ова сестринство, неизмерно се радува, гледајќи ги новите Ваши рожби, како предано и со љубов Му служат на Христа и на Неговиот Победоносец. А се радуваме и сите ние, што се удостоивме денес да бидеме учесници во овој свечен настан на големо Божјо благоволение и милост од Светиот Великомаченик, да се поклониме пред оваа негова света и чудотворна Икона, по која толку многу копнееја и нашите души. Веруваме дека овој свет образ пристигна овде како одговор токму на Вашата долгогодишна огромна желба и голема љубов кон таа Икона, со која ги разгоревте и нашите срца и ги отворивте за молитва кон милиот наш Свети Георгиј, да нè израдува со тоа свое големо духовно богатство. Многу ни значи тоа што овој дар и благослов ни доаѓа токму преку вашата рака Старче, наш возљубен и доблесен Владико, зашто добро ни е позната вашата  заложба и усрдна грижа за зачувување и воскреснување, украсување и грижа за многу Божји светилишта на Црквата, утврдување на верата на нашиот народ. Го знаеме и Вашиот удел во делото кое ги воскреснува добродетелите во душите на луѓето: ги прави во подвигот уште поцврсти, во трпението поистрајни, во добродетелите втемелени, а во љубовта поогнени, во надежта поцврсти од дијамант, а во трпението и благоста – човечни и милостиви,  според образот и подобието на нашиот Спасител.

Доаѓањето на иконата во овие немирни времиња ја запечатува надежта дека со нас е Бог во бурите и премрежјата на денешницата и тежината која секоја епоха ја носи со себе. Бог никогаш не остава без утеха, без сатисфакција. Допушта крст, но го насочува кон Воскресение.Човечкиот јазик е немоќен да ги опишува и да зборува за великите Божји таинства и збиднувања, но затоа, пак, срцето најчувствително и најистенчено ги препознава и прима дејствијата на Божјите енергии и тогаш без зборови ги разбира Божјите тајни, преку кои Бог нè води во нашиот живот. Токму ова денес го гледаат нашите очи, за тоа сведочи и денешново големо собитие по милоста Божја.

Отсега оваа икона, покрај неговите Свети Мошти, ќе биде уште една поткрепа и утеха за овој верен народ, Светиња кон која ќе прибегнуваме со молитва, просејќи од Светиот да ги утврди нашите скромни молитви и да ги принесе пред Бога, пред Кого има голема смелост. За тоа, пак, особено сме благодарни и кон штедриот наш дарител, г. Ратко Капушевски со неговото благочестиво семејство, кој со својата несебична помош придонесе оваа Светиња да биде денес тука. Со ова дарение, тој се запиша засекогаш во историјата на нашето вековно светилиште, и останува докрај во нашите срца и молитви.

Пресветиот наш Бог, во Кого, преку Кого и за Кого е сѐ што суштествува, по молитвите на својот препрославен угодник Свети Георгиј Победоносец, да Ве чува, родителу наш во Христа и возбовновителу и нов создателу на овој Свештен Манастир, во добро здравје, да Ви даде долгоденствие, духовни сили и усрдност, та да бидеме сведоци на уште повеќе вакви величествени духовни дела, благоугодни Нему. Нека ги чува и благословува и нашите пожртвувани дарители, нашите спомагатели, верните кои со благоговение и страв Божји притекнуваат овде, „оние кои ни заповедаа нам недостојните да се молиме за нив“ и најпосле, и ова сестринство што Вие со Вашата духовна крв го придобивте; нека нè расне во љубовта и послушанието, нека нè јакне во смирение и трпение, за да можеме како соподвижнички на светиот Великомаченик, чијшто свештен пример се трудиме верно да го подражаваме, непоколебливо да ја чуваме верата, да му Го сведочиме Христа на секој посетител, да го покажуваме патот кон спасението и вечната радост во Воскреснатиот наш Господ.