Капушевски со РКМ бара да увезува гас

209

Две компании на бизнисменот Ратко Капушевски поднеле барање за лиценци до Регулаторната комисија за енергетика, од кои едната – РКМ Доо за трговија, а другата РКМ Енерџи за снабдување со природен гас.

Двете барања до РКЕ се доставени на 13 октомври и се однесуваат на барање за лиценци во рок од 10 години за тргување и снабдување на природен гас на територијата на земјата и на странските пазари.

Инаку РКМ Дооел, компанија позната како „специјализирана“ за увоз на мазут, покрај Ратко Капушевски, пред извесно време доби уште еден сопственик – Ерџан Сулкоски, бизнисмен од Кичево и сопственик на „Пацифик Петролеум“. Оваа компанија е специјализирана за набавка на течни горива за затоплување, а често била партнер во јавните набавки со „Пуцко Петрол“.

Поранешниот политичар Капушевски минатата година се врати како сериозен играч на пазарот на големо со горива во земјата, особено откако мазутот стана важен супститут во недостатокот на природен гас и јаглен.

РКМ по долги години пауза, во 2021 се врати со продадени 12.245 тони мазут и со 3,62 отсто од структурата на продажба на какви било горива на големо.  Компанијата во 2020  увезе само 1 218 тони мазут и тоа главно продаден на пазарот на мало, а инаку истата година доби лиценца за увоз на мазут на големо од страна на Регулаторната комисија за енергетика.

РКМ ланската година ја заврши на 9 место по количини на продадено гориво на големо, а имаше повеќе продажба дури и од Лукоил со 10.803 тони гориво продадено на пазарот. Оваа година се очекува уште повисок ранг на листата.

Според претходни медиумски натписи, компанијата на Капушевски со два договори требаше да го снабди рестартираниот ТЕЦ Неготино со188 000 тони мазут за термоцентралата за време на изминатата грејна сезона со што се очекува за 2022 да избие на првото место како трговец на големо.

„РКМ ДООЕЛ“ претходно во два наврати склучи јавни набавки со БЕГ за доставување на мазут како резерва во случај на недостиг на природен гас – еднаш во 2020 и еднаш на почетокот на 2022.

Вчера извори од Владата брифираа дека земјата немора да се потпира единствено на договорот на „Макпетрол“ за снабдување со гас од руски „Гаспром“ доколку гасоводот со Бугарија се прошири. Од 1 ноември Владата очекува и други компании да поднесат понуди за снабдување со природен гас, пред се за топланите Исток и Запад во Скопје. 

Поголемо количество на природен гас во земјата би се очекувало од декември кога ќе биде постудено и ќе треба да проработи когенеративната централа ТЕ-ТО. Засега производство на електрична енергија, покрај топлинска, од гасната централа не е во опција, затоа што цената на природниот гас на берзата се уште е скапа.