Нашата цел е во 2021 година да продолжиме да го градиме зацртаниот план и да ја зголемиме конкурентноста, не само кај нас, туку и во регионот

257

Ратко Капушевски, сопственик и директор на компанијата , за „Економист: Светот во 2021“

РКМ е компанија што работи во областа на енергетиката, каде што основна дејност е трговијата со нафтени деривати. Станува збор за успешна стартап-фирма, која снабдува голем дел од македонските фабрики со индустриски деривати – мазут М1 ХЦ и петролеум.

РКМ е регистрирана во 2015 година, но активна е на македонскиот пазар од 2019 година. Фирмата е во сопственост на Ратко Капушевски, најмладиот директор именуван од страната на владата во 2009 година на само 22 години на Националната агенција за европски програми и мобилност, кој потоа заминува во спортскиот центар „Борис Трајковски“, па заминува како генерален директор во приватна холдинг-фирма каде што член беше и европскиот шампион РК Вардар. Тоа беше сосема доволна причина да поразговараме со него за годишното издание „Економист: Светот во 2021-та“ за тоа какво мислење има за годината зад нас и какви му се прогнозите за оваа година на економиски план.

Опширна  кариера и големо работно искуство за само 34 години. Што ви е најдраго од тоа?

Секоја епизода од кариерата си има своја убава страна од медалот, како и тежина од другата страна. За националната агенција бев многу критикуван поради младоста, но горд сум што успеав од европската комисија да го зголемам буџетот за потребите на македонското образование и образовните програми што се во Агенцијата.

За спортскиот центар „Борис Трајковски“ можам да кажам дека посетеноста денешна и оперативата се сликата на мојот придонес во фирмата. Сите општествени јавни добра во комплексот ми се драги и горд сум за денешниот резултат и фреквенцијата на граѓаните во комплексот, иако да се реализира тој проект беше искрено многу макотрпно. Мислам дека е една успешна приказна во Скопје што ја креира спортската култура на живеењето.

Во групацијата каде што заминав во приватниот сектор во 2014 година стекнав убави искуства за бизнисот како треба, но и како не треба. Колку и неславно да заврши моето разделување со сопственикот, горд сум што бев генерален директор и проект-менаџер на општествено-јавните проекти за спортот, како и целиот мој придонес за успесите на РК Вардар и ФК Вардар, пред сѐ, во спортските академии, кои денес веќе даваат свои резултати.

Како ја оценувате изминатава 2020 година?

2020 година беше исклучително тешка година за светот, па и за нас во македонската економија и бизнис. Од бизнис-аспект сметам дека нѐ одржа домашното производство и научивме сите за неговата исклучителна важност во економијата. Малите и средните претпријатија се секогаш зависни од домашното производство, кој е основен двигател на државната економија.

Ние, како фирма, сме комплетно зависни од македонските индустриски капацитети бидејќи, пред сѐ, сме нивен партнер при снабдувањето со енергенси. Почувствувавме падови од дел од партнерите, но опстоивме преку еден бизнис бон-тон, кој нѐ одржа во живот. Банките беа коректен партнер во кризата според мене како стартап-компанија.